Во џамијата „Мустафа Паша“ во Скопје, уште од раните утрински часови започна централната свеченост по повод Курбан Бајрам.
За време на свечената програма беа прочитани ајети од Куранот, а беа изведени и илахии на неколку јазици, во празнична и духовна атмосфера.
Во својата порака, поглаварот на ИВЗ, Реис-ул-улема Шаќир Фетаи, истакна дека Курбан Бајрам и аџилакот се израз на верата, посветеноста и единството на верниците, пренесувајќи ја пораката за љубов кон Бога и човекот, како и за еднаквост, побожност и почит меѓу луѓето.
„Денес, на овој голем ден, верниците со задоволство ја извршуваат божествената обврска на принесување курбан, сведочејќи во пракса дека богатството е дар од Бога и дека тоа не е цел на животот, туку средство за постигнување на неговите цели: верата, грижата за себе, за човекот, сиракот, сиромавиот, знаењето и човечката благосостојба“, вели Шаќир Фетаи.
Поглаварот на ИВЗ исто така нагласи дека Курбан Бајрам ја пренесува пораката дека големите дела бараат жртва и дека доброто се постигнува преку пожртвуваност, негувајќи кај верниците вредности како зрелост, мудрост, солидарност, мир и грижа за општото добро.
„Овој празник го прави верникот свесен да ги оттурне од себе омразата, љубомората, агресивноста, потценувањето, дискриминацијата и поделбите. Тој симболизира висока свест за Создателот, грижа за здравото семејство, блискост меѓу луѓето, мудрост во постапките, љубов кон блиските, родителите и семејството, зајакнување на меѓучовечките врски, избегнување конфликти меѓу државите и народите, како и сеење мир, толеранција и солидарност за издигнување на поединецот, семејството и општеството во целина“, рече Фетаи.
По намазот, овој Бајрам се одбележува со колење курбан во знак на побожност кон Бога, ритуал кој потекнува уште од времето на пророкот Ибрахим и Исмаил. Празникот се карактеризира и со убави облеки, традиционална храна, семејни посети и помирување меѓу луѓето.
