Најмалку 27 лица загинаа откако се урна покрив на ноќен клуб во Доминиканската Република, јавува Би-би-си.
Многу луѓе се повредени, а спасувачите се уште се обидуваат да извлечат луѓе од урнатините.
Сè уште не е познато што ја предизвикало несреќата што се случила синоќа во раните утрински часови, за време на концертот на популарниот уметник Руби Перез, во дискотеката Џет Сет во главниот град Санто Доминго.
Претседателот на Доминиканската Република Луис Абинадер изрази сочувство до семејствата погодени од оваа трагедија. Директорот на Центарот за итни операции (ЦОЕ) Хуан Мануел Мендез рече дека спасувачите сè уште трагаат по луѓе под урнатините. Додаде дека амбулантни возила досега повеќе од 100 пати возеле до болниците во тој дел на градот, а понекогаш превезувале и неколку луѓе одеднаш. Властите се уште се обидуваат да го утврдат точниот број на повредени.
Мендез рече дека се надева дека многу од затрупаните под урнатиот покрив се уште се живи. Џет сет е популарен ноќен клуб во главниот град кој редовно организира танцови концерти во понеделник навечер.
Член на бендот на Руби Перез изјави за локалните медиуми дека клубот бил полн кога се урнал покривот околу 1 часот по полноќ. „Мислев дека е земјотрес“, изјави музичарот.
