Помина еден месец откако Орце Ѓорѓиевски стана градоначалник на Град Скопје, а сè уште нема договор со ВЛЕН за распределбата на директорските позиции на претпријатијата кои се под капата на градот. И додека преговорите се одолговлекуваат, Ѓорѓиевски веќе именуваше раководители во јавните претпријатија, и ниту еден од нив не е од редовите на ВЛЕН. До сега, единствено во ЈП „Паркови и зеленило“ сè уште нема вршител на должност. Но, од ВЛЕН велат дека досегашните именувања не се конечни, туку само вршители на должност.
„Именувањата што се направени досега се само именувања како вршители на должност. Во моментот кога ќе има политички договор помеѓу коалицијата ВЛЕН и ВМРО, имињата што коалицијата ВЛЕН ќе ги предложи според договорот ќе ги заземат своите позиции во тие претпријатија“, вели Дритон Сулејмани.
Но, зошто преговорите се одолговлекуваат и дали има несогласувања околу распределбата на дирекциите?
„Причините за одолговлекување на одредени именувања се затоа што се обидуваме да бидеме внимателни, за Албанците во Град Скопје да имаат што подобро претставување, и затоа не брзаме со именувањата. Сакаме да имаме што подобар договор, да обезбедиме достоинствено претставување и да не ни се повторуваат проблемите што биле присутни во изминатите 4 години.“, порача Дритон Сулејмани.
Град Скопје досега именуваше вршители на должност во ЈП „Водовод и канализација“, ЈП „Комунална хигиена“, ЈП „Улици и патишта“, ЈП „Дрисла“, и Градски паркинг.
