Се заоструваат личните напади на владејачката ВМРО-ДПМНЕ на синдикалците во пресрет на најавениот протест на Сојузот на синдикатите во среда на 2 април. Синдикалците се одлучија за протест откако владата во вторникот, без амин од Економско-социјалнит совет донесе одлука минималната плата од март да се зголеми за 1.800 денари и да изнесува 24.400 денари, или да се примени законското усогласување, а не таа да изнесува 500 евра колку што е бараат синдикалците.
Од ВМРО – ДПМНЕ и денеска со остри напади.
-Според информациите кои дојдоа до нас од свиркачи во ССМ, покрај Слободан Трендафилов и Трпе Деановски, со енормни примања е и генералниот секретар на УПОЗ. Според информации кои ги добивме генералниот секретар на УПОЗ, додека ги лаже работниците со минимална плата, покрај платата од скоро 80.000 денари, има и примања по други основи и договори на дело, со што годишните примања му надминале 1 милион денари, изјави Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Синикалците не ги коментираат партиските обвинувања. На прес конференцијата минатата недела се пожалија и дека до сега не се преговара ниту со поголемиот дел од гранските синдикати за висините на платите во јавниот сектор, како што е предвидено во општиот колективен договор. Инаку Економско-социјалниот совет за сега е без претставници на работниците, бидејќи немаше Комисија за реперезентативност, која требаше да одлучи кој е репрезентативен синдикат.
Реакции пак има и од вработени во образованието. Стравуваат дека со априлското покачување од 7 проценти е можно изигрување на законот за минимална плата и колективниот договор.
Министерката за образование Весна Јаневска смирува – вели се појавија шпекулации.
-За жал се појавија бројни шпекулации на социјалните мрежи дека нешто не е во ред со покачувањето на платата. Тоа не е точно, одговорно тврдам дека и оваа година, како и претходните, наставниците ќе си добијат поголема априлска плата за 7 проценти. Но тоа ќе важи и за сите останати вработени во училиштата и во основното и во средното образование, изјави Весна Јаневска, министерка за образование.
Премиерот денеска се пофали и дека здравствените работници во април ќе земат повисоки плати, заедно со минатото покачување на крајот на минатата година за вкупно околу 15%.
Но останува неизвесно дали синдикалците со протестите ќе се изборат за минималец од 500 евра, со што би требало да пораснат сите плати во земјава. Со сегашната минимална плата од 24.400 денари или 396 евра- земјава е на дното во регионот заедно со Косово и Албанија.
