Се зголемува данокот за „луксузни производи“ – Битиќи: Ако е потребно, одлуката за некои производи ќе се ревидира

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Граѓаните повторно ќе се соочат со поскапувања во маркетите, по воведувањето на законот за повисок ДДВ. Маркетите веќе ја добија листата на производи и ги подготвуваат новите цени. Одредени видови брашно, сладолед, џигер, замрзната риба, замрзнато тесто, млечни производи како сирење, кашкавал, зденка и павлака ќе се оданочуваат со 10% повеќе.

На списокот, за кој Владата смета дека се луксузни производи, се наоѓаат и лутиот ајвар, феферони, цвекло, мајонез, конзервирана храна, како и детска храна како чоколадо, гриз, бонбони и чипс. По повисоки цени ќе се продаваат и чаевите, тропското овошје, сушено овошје, семки од сончоглед, инстант кафе, црн пипер, наполитанки, компоти, мастики и повеќето зачини. Во јавноста владее неизвесност зошто Владата некои основни производи ги смета за луксуз, како сирење, брашно, ајвар, гриз и други. За ова вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи рече дека доколку има потреба ќе се преиспитаат цените за одредени производи.

Но каде е проблемот со дефинирање на даноците за прехранбените производи? Според даночниот експерт, Павле Гацов, Македонија се уште се базира на царинските стапки кои за граѓаните се нејасни.

Инаку, оваа одлука беше објавена во јавноста само 2 недели откако Владата одлучи да ги намали цените на основните производи како брашното, лебот, месото, овошјето и зеленчукот како и соковите за најмалку 10%. Потрошувачката кошничка за четиричлено семејство во последните шест месеци се помести од 48.000 денари на нешто повеќе од 50.000 денари. Во овој период просечната плата се помести на околу 36 илјади денари. Индексот на трошоците на живот во август изнесува 8,3%.