Сечата на шумите го блокира патот на селата во Студеничани, властите се обврзуваат дека чистењето ќе се направи за 20 дена

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во среда напладне се собраа неколку демонстранти кои го блокираа патот во населбата Драчево, токму пред ЈП „Национални шуми“ – подружница „Караџица“. Тие го изразија револтот што веќе еден и пол месец патот останува речиси непрооден за неколку ридски села во периферијата на Скопје, бидејќи исечените дрвја покрај патот не се исчистени од страна на надлежниот орган. Жителите велат дека тоа им го отежнува движењето и дека тешката механизација го оштетила и селскиот пат, па сега автомобилите едвај поминуваат.

„Излеговме на протести поради сечата на шумите и патот што ни го оштетуваат, целосно го уништија. Имаме многу проблеми, но накратко, шумите ги имаме со наши документи, а доаѓаат и сечат во нашите планини. Планините ги имаме од дамнина, не од денес, туку сме ги наследиле со документи. Некои сè уште не ги имаат регулирано имотно-правните прашања, а некои ги имаат, но велат дека се сопственост на Република Македонија.“, вели Фазли Етеми.

„Има компании тука, не знам дали е ‘Караџица’ или некоја друга, кои ги оставиле гранките по патиштата и не го исчистиле патот. Тешката механизација го оштетила патот. Станува збор за луѓе кои на 40 километри од Скопје немаат комуникација со цивилизацијата. Прво, горе немаме ни телефонска мрежа. Второ, веќе неколку години се гради хидроцентрала и тука има големи оштетувања. Погледнете ги камионите што се качуваат горе, тие имаат по 15 тони.“, изјави Марио, учесник на протестот.

Демонстрантите ги посети и градоначалникот на Студеничани, Ејуп Абази кој рече дека ќе алармира за патот да се исчисти што е можно побрзо и идните сечи да бидат контролирани без да се предизвикуваат штети.

„Ние како општина немаме надлежност да ги контролираме Националните шуми, бидејќи постои Државен инспекторат за шумарство и ловство. Како општина ќе го адресираме ова прашање, барајќи од надлежните институции кога има сеча на дрвја, тоа да се прави контролирано и без оштетување на патот по кој се движат граѓаните.“, вели Ејуп Абази, градоначалникот на Студеничани.

Од ЈП „Национални шуми – Караџица“ изјавија дека по барање на АРМ и Центарот за управување со кризи било побарано расчистување на гранките од двете страни на патот за полесно движење на тешките возила во итни случаи. Иако во таа зона е забрането движење на камиони над 7 тони, одговорниот Влатко Груевски рече дека во рок од 20 дена ќе излезат на терен за да ги исчистат остатоците од гранките на патот.

„Ја очекуваме градежната механизација согласно тендерските постапки и во следните денови треба да одиме горе преку селата Собица, Мала Река и Алдинци. На две-три места имаме случаи каде што трасите на далноводите и трасата што ја расчистуваме се поклопуваат. По налог на ЕВН беше побарано таа траса да се исчисти од шумата. ЕВН ги исече дрвјата, а ние ги извлековме и ги исчистивме.“, изјави Влатко Груевски, одговорен во ЈП „Национални шуми“ Караџица.

По едночасовната блокада на патот, демонстрантите се разотидоа, но жителите велат дека нема да се откажат од своето барање сè додека не го остварат правото на слободно и безбедно.