Седат заедно, се смеат, но договор нема – партиите со поделени мислења за измените на изборниот законик

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Седат заедно и се смеат, но за измените на изборниот законик не можат да се договорат. Политичките партии не можат да најдат заеднички јазик за измените на изборниот законик. Арбр Адеми од ДУИ вели дека не сите политички партии се за отворени листи. Додава дека дебатата продолжува, но не мисли дека ова прашање може да се реши пред одржување на локалните избори.

„Има ставови кои во неколку точки се спротивставени и токму тие кочат за да имаме конкретен резултат што се однесува до изборниот законик.  Од кого? Различни политички партии имаат различни ставови  за отворените листи. Не сите политички партии се согласни за отворени листи кога зборуваме за локалните избори за општинските советници. Ова прашање не сме го надминале за да продолжиме понатаму“, истакна Арбр Адеми.

Иљми Азири од опозициската АА вели дека некои политички партии условуваат, затоа не може да се најде компромис.

„Политичките партии декларативно можат да дадат поддршка, но кога доаѓа моментот на дискусија, тие условуваат. На пример, отворањето изборни листи го условуваат со некое нивно барање. На пример,има моменти кога е условено отворањето изборни листи со некој одреден праг, со некој предлог како на пример   за изборна единица итн“, посочи Ељми Азири.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека се задоцнети измените на ИЗ, бидејќи тоа требало да се случи 6 месеци пред изборите.

Но од СДСМ се уште се надеваат дека поличките партии ќе постигнат консензус.

И ДИК ги прави последните подготовки за локалните избори во земјава, вели потпретседателката Дитмире Шеху.

„Веќе ги правиме подготовките во однос на организација на изборите, не само во делот на идентификација на гласачите што се однесува до фингерпринтот, туку и во другите делови  од организацијата. А политичкиот дел што се однесува до отворени листи и една изборна единица или повеќе изборни единици, тоа им го оставаме на политичките претставници“, вели Дитмире Шеху.

Инаку невладината Џастис ги собра претставниците на политичките партии, невладините организации и професори за да се дискутира за најсоодветно решение за измените на Изборниот законик. Во Северна Македонија, најблиските избори кои нè очекуваат се локалните кои ќе се одржат во октомври оваа година.