Седница на економскиот совет на Владата – ВМРО-ДПМНЕ ги предаде контактите на Бектеши за набавка на енергенси

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Обврските кои ги имаше ВМРО ДПМНЕ се исполнети, предадени се контактите, и договорени се средбите после кои Владата треба да изменаџира за количини на гас и мазут, информираат од ВМРО-ДПМНЕ. Вчера и самиот Мицкоски веднаш по средбата со Ковачевски во Владата рече дека веднаш ќе ги предаде контактите на фирмите на министерот за економија Крешник Бектеши.

Меѓу предлозите кои ги претстави Мицкоски во Владата е да се обезбеди енергенс за работата на ТЕЦ Неготино, а струјата која ќе се произведе да се даде на стопанството, за да се зачуваат работните места.

За ова се расправа и на денешната  седница на Економскиот совет на која покрај економскиот тим на Владата, присуствуваа и претставници на Синдикатот, како и експерти од областа. Академик Таки Фити пред средбата изјави дека тој ќе ја презентира програмата и планот за развој на енергетскиот систем во Македонија.

„Ние се најдовме во тешка ситуација, во ситуација во која немаме доволно продукција на домашно производство на енергија, сме увозно зависни и сите тоа го знаете, години не е тука инвестирано ништо и сега треба да го решаваме проблемот ваков каков што е, а ситуацијата станува се потешка, ограничен фискален простор, опасност од светски размери, од појава на стагфлација, тоа е најлоша да речеме варијанта на економска криза“, вели Таки Фики.

Професорот Никола Поповски вели дека во моментов е најважно да се намали растот на цените, бидејќи ако тоа Владата не го направи тогаш во иднина ќе имам големи економски проблеми.

„Моето мислење е дека во моментов треба да се води повеќе сметка за ценовната стабилност, растот и да се изгуби еден, два, три квартали не значи ништо, тој ќе се врати. Ако се наруши ценовната стабилност на долг рок сите квартали во иднина и година ќе бидат со економски проблеми. Така што мислам дека ова е приоритетно, но тоа го одлучува Владата не ние“, порача Никола Поповски.

Првиот човек на Сојузот на синдикатите Дарко Димовски најави дека тие бараат од Владата да ги покачи платите особено на работниците со пониски примања.