Седницата на Уставниот суд на 11 декември, на која на дневен ред е разгледувањето на предметот за иницијативите со кои се оспоруваше Законот за употреба на јазиците, според опозициската ДУИ, е денот кога може се да се смени, но додаваат дека одговорноста за последиците нема да биде нивна . Од ДУИ велат дека овој закон е еден од главните столбови на Охридскиот договор и меѓуетничкиот соживот и дека секој обид за укинување на која било одредба од овој закон не е само правна постапка, туку е директен удар врз стабилноста и мирот што оваа земја ги изгради со толку многу жртви.
„ДУИ го смета овој момент како критична точка, каде што секоја акција насочена кон нарушување на оваа деликатна рамнотежа е преминување на Рубиконот. Откако ќе се помине оваа линија, нема да има враќање назад! Доколку Уставниот суд одлучи да ги уништи достигнувањата на Охридскиот договор, последиците ќе бидат ненадоместливи, а ние не можеме да одговараме за тоа што може да следи“, велат од ДУИ.
Првиот вицепремиер на Владата, Изет Меџити, запрашан за оваа седница, рече дека законот за употреба на јазиците произлегува од Охридскиот договор и кој ќе го чепне овој договор влијае на меѓуетничките односи во Северна Македонија.
„Ги повикувам и институциите и граѓаните да бидат со ладна глава за оваа работа. Го поканувам и Уставниот суд да го гледа ова како политичко, а не само правно прашање, бидејќи законот за јазиците произлегува од Охридскиот договор, кој е столб на оваа држава, новиот устав е изграден врз Охридскиот договор. Секој што влијае на Охридскиот договор влијаел на меѓуетничките односи и на стабилноста на оваа држава“, вели Изет Меџити.
Премиерот Христијан Мицкоски не сакаше многу да коментира за уставната седница. Тој рече дека сегашните судии се избрани од СДСМ и ДУИ и дека не е јасно зошто сега ги критикуваат токму оние што ги избрале.
Во врска со оваа тема реагираше и Уставниот суд. Од таму велат дека нема да коментираат ничии ставови. Седницата на која ќе се расправа за Законот за употреба на јазиците е закажана за 11 декември. По завршувањето на седницата ќе се одржи редовна прес конференција на која ќе бидат одговорени сите прашања, се наведува во писмениот одговор на Уставниот суд.
