Седум дена од трагедијата: Пожарот откри систем во пепел

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Овој настап на групата ДНК прерасна во една од најголемите трагедии во поновата историја на државата.

Недела наутро, Македонија се расони со шокантната информација – над 50 млади луѓе загинаа. Младата Марија беше меѓу спасените и чекаше информација за својата сестра.

„Сите почнаа да трчаат, сите гледаа да си го спасат животот и никој не беше свесен… испогорени тела.“, рече Марија.

Неколку часа подоцна Марија ја слушна тажната вест дека сестра и веќе не е меѓу живите. Но, уште 59 семејства загубија свој близок.

„21 годинка… само што требаше да живее.“, вели татко на починатот.

Други пак беа благодарни што нивните деца се живи.

„Тука на долната улица сега гледам алишта, ташни од девојчиња… значи глетката е повеќе од страшна.“

За ужасниот настан прв пред јавноста застана министерот Панче Тошковски.

„Според првичните информации со кои располагаме пожарот настанал како последица на искри од пиротехнички средства.“, рече Тошковски.

Веднаш се мобилизираше здравствениот систем… Пациенти се прифаќаа и во болниците во Штип и во Скопје, од каде над 115 завршија на клиники во странство.

„Ќе научиме животна лекција! Не можам да разберам како е можно ова да се случи.“, рече Сиљановска-Давкова.

Премиерот најави дека никој нема да биде поштеден, откако стана јасно дека дискотеката работела без лиценца и без запазување на никакви услови.

„Ова е би рекол масовно убиство коешто некој го дозволувал за пари, за мито, за корупција да се случи.“, рече Мицкоски.

Се мобилизираше Обвинителството.

„Објектот немал хидрантска мрежа, ниту имал хидрант во употребна функција, немало доволен број на противпожарни апарати со оглед на квадратурата на објектот, односно имало само два. Немало две излезни врати.“, изјави Коцевски.

Кочанчани револтот го насочија кон сопственикот на клубот, чие кафуле беше демолирано, а не беше поштедена ниту општинската зграда.

Во меѓувреме, истрагата се прошири. 34 лица се осомничени, најголемиот дел од нив се во притвор, меѓу нив и екс министерот Крешник Бектеши, екс државниот секретар Размена Чекиќ Дуровиќ, екс директорот на Пазарната инспекција Горан Трајковски и голем број на луѓе од институции индиректно поврзани со овозможувањето на клубот да работи.



„Против вработениот во Министерството за економија е поведена постапка и за примање на поткуп.“, рече Коцевски.

Не беа поштедени ниту полицајци од Кочани и Штип.

„Н: Дали сте поранешен вработен во МВР?

Сегашен сум.

Н: Чувствувате вина?

Не…“

Додека надлежните утврдуваат кој е одговорниот, во Кочани се спроведе еден од најмасовните погреби во земјава.

Сепак, битката за спасување на животи продолжува.



„Пет од вкупно 115 пациенти идната недела ќе се вратат, ќе бидат прифатени во клиниките… во трите болници во Скопје, од каде што се испратени, а по направена тријажа ќе се констатира дали ќе треба да седат уште во болница или можеме да ги пуштиме веднаш дома.“, рече Таравари.

Кочани седум дена по трагедијата останува завиено во црно.