Седум недели бојкот на учениците во Моране, родителите бараат училиштето да се одвои од централното

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Нивните деца веќе седум недели ја бојкотираат наставата.
Родителите на учениците од основното училиште „Наим Фрашери“ во Моране и натаму инсистираат нивното училиште да се одвои од централното во Студеничани.

Сметаат дека ги исполнуваат условите нивното училиште да функционира самостојно.

-Нашето барање не е многу големо, бараме нешто што требаше да се направи пред многу години. Ние сме луѓе кои ги исполнуваме условите, имаме образовен кадар, сметаме дека можеме да успееме и сами и мислам дека оваа работа во иднина треба да се заврши и верувам дека ќе биде, изјави Наим Сулејмани, жител на Село Моране.

-Седма недела ја бојкотираат наставата, учениците губат и би сакал што побрзо да се реши овој проблем. Апелираме и до МОН да се сретнеме со претставници од министерството и да видиме до каде е решението на овој проблем, вели Амир Дурак, член на иницијативен одбор.

-Речиси 2 месеца бојкотираме, како не се најде некој пратеник, министер, заменик министер да дојде 5 минути и да не праша каква мака имам, бидејќи ние не го правиме ова од желба, не се собираме веќе толку време, голем срам е ова бидејќи ова никогаш не се случило, изјави Аднан Нухиу, жител на село Моране.

Градоначалникот на Студеничани, Азем Садику, вели дека и тој е на страната на родителите, но додава дека треба да се најде друг начин за да се изрази револтот, а не со бојкот на наставата.

-Уште еднаш ги замолувам родителите, иницијативниот одбор за бојкот, да го прекинат бојкотот, децата да следат настава, бидејќи тие губат најмногу. Да седнеме заедно и да најдеме друг начин за да се изрази незадоволството и да се побара тоа што тие мислат дека им следува, вели градоначалникот на Студеничани, Азем Садику.

Садику најави дека доколку продолжи бојкотот, учениците ќе мора да полагаат за секој предмет или може и да ја изгубат цела година.

Министерката за образование, Весна Јаневска, пред неколку недели во емисијата Дејли Клик на ТВ21 изјави дека нема никаква логика барањето на родителите за одвојување на селското училиште од централното.

Додаде дека смета дека родителите се политички изманипулирани и дека ова е на штета на учениците.

Инаку, родителите, во случај да не се изнајде решение, најавуваат протести и пред МОН.