Седум нови случаи на западнонилска треска во Скопје, тројца пациенти се во критична состојба

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во текот на оваа недела во земјава се регистрирани седум нови случаи на инфекција со вирусот западнонилски, со што вкупниот број заболени се искачи на 20.

Според здравствените власти, сите новорегистрирани случаи се од Скопје – по двајца заболени има во општините Кисела Вода и Гази Баба, а по еден во Илинден, Бутел и Аеродром. Станува збор за лица на возраст од 60 до 84 години и сите се хоспитализирани.

На Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во моментов се лекуваат 16 пациенти. Кај 15 од нив инфекцијата е лабораториски потврдена, додека за еден суспектен случај сè уште се чекаат резултатите. Тројца пациенти се во критична состојба и се интубирани, додека останатите се стабилни и примаат соодветен третман. Според лекарите, најголем дел од хоспитализираните се повозрасни лица со придружни заболувања.

Првиот случај на вирусот Западен Нил годинава беше регистриран на 15 мај во Велес.

Здравствените власти апелираат граѓаните да преземат мерки за заштита од убоди од комарци, кои се главни преносители на вирусот. Се препорачува избегнување престој на отворено во зори и самрак, користење репеленти и поставување заштитни мрежи на прозорците и вратите. Исто така, се советува редовно отстранување на застоените води од дворовите и терасите, бидејќи тие претставуваат погодни места за размножување на комарците.