„И Албанија нѐ претрка на патот кон Европската Унија“, истакна премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ја посетата на Брисел. Тој кажа дека им порачал на челниците во Брисел да се изнајде начин како Македонија да биде дел од Унијата, ако навистина постои желба.
„Очигледно дека дозволуваат една земја-членка да го билатерализира целиот овој процес, нешто кое што не е став на останатите 26 земји-членки. Ние немаме што да правиме, ние мораме да се бориме за својот став, ние мораме да се бориме за својата позиција и на моите соговорници им кажав дека повеќе не можеме пред нашите граѓани да излеземе и да ги браниме двојните стандарди.“, изјави Мицкоски.
Мицкоски потенцира дека францускиот предлог бил само предлог. Според него, не станува збор за договор, како што се Преспанскиот и Договорот за добрососедство со Бугарија, во кои, како што додаде, никаде не пишува дека треба да се смени Уставот.
„Нека ми каже еден во Брисел, каде во тој „pacta“ стои дека ние мора да го промениме Уставот, нека не ми споменуваат предлози… Друго е францускиот предлог, тоа не е „pacta“, не е Договор.“, вели Мицкоски.
Од друга страна, опозицијата ја критикуваше надворешната политика на власта. Оттаму потенцираа и дека треба да се внимава на добрососедските односи како услов за членство во Унијата. Според нив, влошување на овие односи, како во случајов со Бугарија, може да не оддалечат од европската перспектива.
„Со жалење констатираме дека она што до сега го гледаме во надворешната политика на Владата е само во функција на оддалечување на земјата од европскиот пат и враќање назад во време на конфликти. Оваа политика нема да донесе ништо добро. Затоа, повикуваме на разум.“, изјави Богданка Кузеска од СДСМ.
Инаку, како што претходно изјави еврокомесарот Оливер Вархеји, наредниот месец Брисел ќе одржи Втора меѓувладина конференција од преговорите за членство со Албанија, а кажа дека тоа можеби и ќе се случи со Скопје.
