Сејдини: Не сум знаел дека Заев е правник – „Да даде Господ да одиме и на светско првенство, па нека има критики“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Иако македонскиот фудбал ги живее најдобрите моменти во историјата, многу критики се упатени кон ФФМ. И премиерот Зоран Заев и Агенцијата за млади и спорт ја обвинуваат ФФМ за нерегуларности во институцијата. Но првиот човек на оваа институција, Мухамет Сејдини во интервју за ТВ21 вели дека во ФФМ се почитуваат законите. Додава дека продолжуваат да работат како досега.

„Јас не разбирам зошто, но би рекол дека кога нема успех има критики, но треба да знаеме уште едно нешто дека и кога има успех има и критики. Според мене тоа е нешто нормално и јас ќе продолжам со работа како досега. Да даде Господ да одиме и на Светско првенство, но критики нека има пак“, рече Мухамед Сејдини, претседател на ФФМ.

Но премиерот Заев изјави дека Сејдини треба да го смени статутот на ФФМ во согласност со законот за спорт. А во врска со тоа, Сејдини одговори:

„Не сум знаел дека Премиерот е правник, така да овие работи им остануваат на правниците, на тие кои се занимаваат со спорт, на тие кои се занимаваат со статути и Законот за спорт и нешто друго“, додаде Сејдини.

Во врска со другите обвинувања на Заев дека постојат делегати на ФФМ кои доаѓаат од фантом клубови, Сејдини рече дека ако навистина има такво нешто нека излезат во јавноста со факти. Според него секој делегат на собранието на ФФМ се знае од каде е и од кој клуб доаѓа.