Претседателот на ФФМ, Мухамед Сејдини им честиташе на фудбалерите и стручниот штаб и сите кои придонеле за победата над Косово и пласманот на македонскиот национален тим во финалето на Лигата на Нации, натпревар преку кој Македонија може да обезбеди пласман на Европско првенство.
„Би сакал да ги пренесам моите искрени и длабоки честитки до сите Вас, фудбалерите, стручниот штаб и сите оние кои дадоа придонес за големиот резултат и можноста македонската репрезентација да настапи во финалето од Лига на нации за пласман на Европското првенство, како и за победата на македонската репрезентација до 21 година од квалификациите за младинското Европско првенство.
Нашата најдобра репрезентација покажа извонреден квалитет и пласманот во финалето од Лига на нации е доказ за добрата работа и талентот на оваа генерација.
Со својот напор и пожртвуваност, со заедништвото и вербата во себе на целата држава им ја донесовте најголемата вредност: Ја вративте надежта и радоста во секое наше семејство.
Вие сте нашата најуспешна генерација и бидете горди на начинот на кој ја промовирате нашата земја и нашиот фудбал.
Триумфот и пласманот во финалето е доказ дека и мала држава како Македонија може да дојде на чекор до историски резултат и затоа сите заедно треба да продолжиме кон истата цел и да покажеме дека соништата можат да станат стварност со многу труд и посветеност.
Напред Македонија!“, истакна Сејдини, пренесува официјалната страница на Фудбалската федерација.
