нов предлог-закон за правична и соодветна застапеност достави во Собранието Претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села,. Тој рече дека ова право произлегува од Уставот и е предвидено со Охридскиот договор. Додаде дека предложениот закон ги претставува граѓаните и им ги реализира нивните права, а не закон „колку да има“, кој според него има цел да го направи неприменлив. Според Села, овој закон е кауза на Алијансата за Албанците, со која настапиле и на изборите во 2020 година, бидејќи станува збор за право на граѓаните, а не на политичките актери и владите, и како такво треба да се почитува.
„Освен етничката застапеност, предвидена е и родова застапеност, како и застапеност на лицата со посебни потреби. Во овој закон новина се некои услови што се предвидени според Државниот завод за статистика во однос на пописот на населението, кој директно се вклучува во Законот за правична и соодветна застапеност. Тоа е институцијата која по секој попис доставува документ за секоја институција на централно ниво.“, вели Зијадин Села.
Лесно е да се пишува список на желби од опозиција вели ко-претседателот на Влен , Изет Меџити, според кого , тоа не го направиле ниту Села ниту другите кога биле дел од власта. Меџити повика законот доставен од Владата да биде поддржан од сите албански пратеници, со цел да се обезбеди двојно мнозинство на немнозинските етнички заедници, познат како Бадентер.
„И јас и господинот Села имавме многу можности во минатото, но не донесовме решение и не предложивме закон за правична и соодветна застапеност. Сега да седиш на страна и да пишуваш желби е лесно, тоа треба да се прави кога си во Владата, кога треба да преговараш со владините партнери, да ги наметнеш решенијата. А она што е важно е дека по 25 години, за првпат ова прашање се решава со закон. Значи, Закон за соодветна застапеност на Албанците во државната и јавната администрација, и за првпат нема да се занимаваат министерствата и директорите, туку Владата, односно координативното тело што ќе го раководи првиот заменик-премиер.“, рече Изет Меџити.
Инаку, Законот за правична и соодветна застапеност, откако помина во Венецијанската комисија, Владата го достави во собраниска процедура. Предлог-законот најпрво ќе се разгледува во матичната комисија, а потоа ќе оди пред пратениците, со можност за дополнување со евентуални амандмани. Иако законот не предвидува санкции за негово непочитување, властите велат дека координативното тело на Владата дополнително ќе ги прецизира преку спроведување на подзаконските акти.
