Села и Гаши потпишаа – Села го предизвика Ахмети, Гаши вели не сакаме поделби

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Го уредија просторот со знамињата на двете партии. Прв дојде Африм Гаши а по него и Зијадин Села. Откако ја потпишаа коалицијата си подадоа рака еден на друг. Лидерот на АА, Села отворено го предизвика лидерот на ДУИ, Ахмети во било која изборна зона.

„Нормално дека последниот збор го има Централното собрание кога ќе ги составуваме листите, но јас го предизвикувам не за 6 единица, за да го немаме проблемот на повеќето политички партии, јас го предизвикувам господинот Али Ахмети каде сака, или во 1 или во 5“, истакна Зијадин Села.

Обединувањето на двата албански политички субјекти нема за цел одмазда, не сакаме да поттикнуваме братоубиство или говор на омраза кон другите заедници. Ова го изјави лидерот на Алтернатива по потпишувањето на договорот за коалиција со АА.

„Нашето обединување како два албански субјекти нема за цел одмазда или поттикнување на говор на омраза кон другите Албанци или други заедници. Ние сме тука за да кажеме дека по 12 април ќе се погрижиме за Албанците независно за која партија гласале“, додаде Африм Гаши.

Слоганот на коалицијата за изборите на 12 април ќе биде “Држава за сите“. Двајцата лидери на политичките партии истакнаа дека фокусот ќе биде да се обезбеди подобар живот за младите за да не си заминуваат од земјава, правда за сите, особено за политички монтираните случаи. Лидерите на двете партии заедно со партиски активисти одржаа марш од центарот на градот до Старата чаршија преку Камениот мост.