Нема да има премиер Албанец а народниот правобранител треба да и припадне на опозицијата, вака коментираше лидерот на АА, Зијадин Села во врска со поделбите на функциите кои следат како резултат на владината коалиција СДСМ и ДУИ.
„Прашањето за премиер? Е резултат на минимумот од 61 пратеник. Во првиот момент кога ќе се донесе одлука што нема да им се допадне на другите, дали ќе биде премиер? Нема да биде. Затоа луѓе марионети не ни требаат. Луѓе манипулатори кои бираат некого со име и презиме за премиер и сега, гледаме во медиумите, ќе го избереле за народен правобранител? Да? Или не? На опозицијата и припаѓа народниот правобранител.“, изјави Села.
Пратеникот на ДУИ, Арбен Зибери нема информации дека чичко му кој беше надпартиски кандидат за прв премиер Албанец, Насер Зибери, ќе биде народен правобранител.
„Немам информации. Но ќе бидете известени на време. За секоја новост, ќе бидете информирани на време.“, рече Арбен Зибери.
Од коалициониот партнер, Движење Беса, нема коментар.
Како ги коментирате гласините дека г. Зибери ќе стане народен правобранител? Дали мислите дека заслужува?
„Немам коментар“
Народниот правобранител се бира на секои 8 години со право на реизбор. За неговото назначување потребно е гласање по Бадентер.
Изборот и разрешувањето на Народниот правобранител и неговите заменици се прави со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници каде треба да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои им припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Северна Македонија.
На Иџет Мемети кој е на функцијата народен правобранител, мандатот му истекува во декември оваа година, а гласините дека Насер Зибери ќе биде негов наследник ниту ги потврдуваат ниту ги демантираат од СДСМ и ДУИ.
