Села со повик кон албанските партии – Таравари: Спремни сме да разговараме за сите теми

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Претседателот на Алијанса за Албанците, дел од коалицијата ВРЕДИ, Арбен Таравари, е подготвен да седнe и да дебатира за важни прашања кои се во интерес на граѓаните. За секоја добра идеја, вели дека нема да одбива да дебатира, но додаде дека Села и Ахмети како прво треба да прифатат дека веќе се дел од опозицијата.

„Ние бевме отворени да разговараме за сите теми кои се важни, така што никогаш не сме отфрлиле добри идеи. Првично мора да прифатат дека се во опозиција, да се прилагодат да бидат во опозиција и да упатат покана. Кога ќе испратат покана или и ние можеме да испратиме покана и ако имаат нешто важно за што мислат дека треба да се разговара, ние сме подготвени да седнеме и да разговараме со сите“, вели Арбен Таравари.

Овој одговор на Таравари доаѓа по повикот на Зијадин Села, претседатлот на Алијанса за Албанците, дел од Еврпски фронт, кој гостувајќи во емисијата Клик Плус побара албанските партии да најдат заеднички јазик со цел во иднината да се спречат недобронамерните планови кон Албанците и другите заедници.

„Ние сме во време кога многу добро треба да размислиме какво ќе биде однесувањето, позиционирањето, не на Алијансата за Албанците, на ДУИ, Беса, ДПА или не знам кој, Демократско движење или како се вика не во однос на ВМРО, туку во однос на македонската политика. Овде треба да најдеме заеднички јазик за да спречиме во иднина да спроведуваме планови кои не се добронамерни кон Албанците, но и кон другите заедници“, вели Зијадин Села.

Како што истакна Села, во Македонија има многу предрасуди од македонскиот политички фактор кон Албанците. Претставникот на Самоопределување од коалицијата ВРЕДИ, Беким Ќоку, позитивно одговори на неговиот повик да се седне на заедничка маса, но додаде дека овој повик доцни бидејќи тие не упатија таков повик цели 22 години додека беа на власт.