Македонскиот енергетски форум (МЕФ) за девет години од своето постоење прерасна од настан посветен исклучиво на енергетиката во платформа на која се отвораат прашања за економскиот развој, инвестициите, конкурентноста, безбедноста и квалитетот на животот, истакна Агим Селами, директор на ЗИП Институт и на Македонскиот енергетски форум, во емисијата „Бизнис21“ на ТВ21.
Селами потсети дека идејата при основањето на форумот била да се создаде место каде што ќе се соберат сите релевантни чинители во процесот на енергетската транзиција – Владата, ресорните министерства, државните институции, меѓународните организации, дипломатските претставништва, граѓанскиот сектор и останатите партнери.
„Пред девет години започнавме со идејата да создадеме платформа која ќе ги обедини сите важни чинители во енергетската транзиција. Денес можеме да кажеме дека МЕФ прерасна во форум кој не се занимава само со енергетски теми, туку и со прашања поврзани со економскиот развој, инвестициите, конкурентноста, безбедноста и квалитетот на животот“, рече Селами.
Тој нагласи дека овогодинешното издание на форумот се одржува во период кога светот се соочува со бројни предизвици – геополитички конфликти, климатски промени и нивните последици, кои сè повеќе влијаат врз секојдневниот живот на граѓаните.
Според него, токму затоа е неопходно постоењето на вакви платформи, кои овозможуваат поширока и поинклузивна дебата за енергетската транзиција и климатските политики, со активно учество на сите засегнати страни. Тој оцени дека преку ваквите дискусии се создава простор за изнаоѓање одржливи решенија за предизвиците со кои се соочуваат државата и регионот.
