Селами: Време е да преминеме од стратегии кон конкретна имплементација на енергетската транзиција

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Западен Балкан има потенцијал самостојно да реализира значајни енергетски и инфраструктурни проекти, но сега е потребен премин од планирање кон конкретна реализација. Ова го истакна директорот на ЗИП Институт и на Македонскиот енергетски форум (МЕФ), Агим Селами, во емисијата „Бизнис21“ на ТВ21.

Селами посочи дека една од клучните пораки од деветтото издание на Македонскиот енергетски форум е дека повеќе нема простор само за поставување цели и стратегии, туку е време за нивна имплементација.

„Во изминатите десет години зборувавме за цели, таргети и стратегии. Денес веќе знаеме во кој правец треба да се движи енергетската транзиција. Прашањето повеќе не е што треба да направиме, туку како ќе ги реализираме проектите, како ќе ги финансираме, како ќе ги модернизираме институциите и како ќе го подготвиме човечкиот капитал, кој е најважната алка во целиот процес“, рече Селами.

Тој нагласи дека енергетската безбедност и климатските политики повеќе не можат да се третираат како одвоени области, туку бараат координиран пристап меѓу сите институции.

Според него, светот влегува во нова фаза на масовна електрификација, што ќе предизвика значително зголемување на побарувачката за електрична енергија.

„Секој сегмент од животот се електрифицира – транспортот, домовите, индустријата, греењето, дигиталната економија, па дури и вештачката интелигенција. Тоа значи дека ќе биде потребно значително поголемо производство на електрична енергија од обновливи и чисти извори за да се задоволи растечката побарувачка“, истакна Селами.

Тој додаде дека Западен Балкан треба да престане да се гледа како регион кој исклучиво очекува финансиска помош однадвор и оцени дека земјите имаат капацитет самостојно да реализираат дел од проектите, со поддршка од Европската Унија, меѓународните финансиски институции и другите партнери.

„Финансискиот капитал денес не е најголемиот проблем. Потребни се одлучност, координација и брза имплементација на стратешките енергетски и инфраструктурни проекти кои ќе овозможат поголемо производство на чиста енергија и ќе ја зајакнат енергетската безбедност на регионот“, порача директорот на МЕФ.