Во официјалната владина делегација која отпатува во Вашингтон на одбележувањето на 75 годишнината од формирањето на НАТО премиерот Мицкоски си го зел и својот постар син Јован. Тоа се гледа на фотографијата што ја објави Универзитетот Џонс Хопкинс на својот Фејсбук и Твитер профил на која Мицкоски во средата на 10 јули имал средба со Едвард Џозеф од Институтот Џонс Хопкинс Школа за напредни меѓународни студии, а инаку добар познавач на состојбите на Балканот. Од СДСМ со остра реакција бараат одговор од Мицкоски дали го носел синот во САД на државен трошок.
„Мицкоски мора итно да ја информира јавноста дали го носел синот во САД на државен трошок и да се произнесе околу целата ситуација. Мицкоски кој од самиот Универзитет порача дека правото и правната држава за него се приоритет, очигледно решил тоа да важи за сите освен за него. Исто така бараме Владата да го објави списокот на сите лица членови на делегацијата во САД кои патувале на трошок на граѓаните“, велат од СДСМ.
Информацијата прва ја пренесе Славјанка Петровска од СДСМ која на својот фејсбук напиша – прво владино патување, прв скандал, асистентот на татко му а сега премиер си го земал син му во делегација во САД. Се огласија од ВМРО-ДПМНЕ, од каде велат дека СДСМ се спуштила на многу ниски гранки со тоа што, како што велат, брутално ги меша децата и најблиското семејство на премиерот Мицкоски. Петровска која доживеа изборен дебакл го вмешува синот на Мицкоски, велат од ВМРО-ДПМНЕ од каде додаваат дека патувањето на синот на Мицкоски бил на приватен трошок.
„Синот на Мицкоски не е дел од официјалната делегација во НАТО самитот. Иако претседателот Мицкоски има право на придружен член на делегација, патувањето на неговиот син државата не ја чини ништо, односно сите трошоци се подмирени приватно од семејството на Мицкоски. За разлика од времето кога премиерот на СДСМ Ковачевски ги донесе децата како членови на официјална делегација“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски со официјална владина делегација отпатува во Вашингтон на прославата на 75 годишнината од формирањето на НАТО.
