Во Основниот суд Тетово и овој четврток рочиште за повторното судење за пожарот во Модуларната болница во Тетово што се случи на 08.09.2021 година, каде што животот го загубија 14 пациенти кои се лекуваа од Ковид-19. Пред да започне повторното судење, семејствата на жртвите рекоа дека целата јавност знае дека има сериозни докази за пропусти при изградбата на модуларната болница, кои би можеле да бидат единствените причини за пожарот.
Семејствата побараа да се формира независен тим кој ќе ги разгледа сите аспекти на случајот, вклучително и евентуалното одолговлекување на постапката од страна на обвинителите. Да се гарантира дека судската постапка ќе се води без партиско или бизнис влијание. Да се обезбеди транспарентност и отчетност во работата, согласно законските обврски. Германското вештачење треба да биде клучен доказ во оваа истрага.
„Целата јавност знае дека има сериозни докази за пропусти при изградбата на модуларната болница, кои би можеле да бидат единствените причини за пожарот. Тоа го потврди и германското вештачење – независно и веродостојно сведоштво, кое, за жал, беше отфрлено од обвинителството. Затоа, почитуван Љупчо, како тетовец, најдобро ја разбирате болката и гневот на семејствата, но и на сите граѓани кои денес живеат во страв дека може да се повтори таква трагедија, време е правдата да излезе од фиоката, бараме од вас повторно да се отвори истрагата за да се најдат вистинските виновници за пожарот во Тетово“, изјави Мумун Исмаили, роднина.
На денешното рочиште повторно беа сослушани вештаците Ирфан Шаќири, електро инженер и Рубин Бошковски, вештак од МВР во секторот крим-техника. Ирфан Шаќири на распитот говореше за инсталацијата на струјата, подвлекувајќи дека истата ја поставиле двајца вработени во тетовската клиничка болница, каде според него, без шема и без никакви стандарди било направено приклучувањето на струјата од главниот трансформатор до модуларната болница, а како резултат на поставувањето на многу уреди на продолжениот кабел, подоцна настанал краток спој по кој дошло до пожар. И експертот Рубин Бошковски рече дека според анализите, модуларната објект е изграден со лесно запаливи материјали.
Рочиштето продолжи со распит на други сведоци. На рочиштето повторно беа поставени прашања за недостиг на противпожарни апарати. На обвинителна клупа се поранешниот директор на тетовската болница Флорин Бесими и организациониот директор Артан Етеми. Закажани се три три последователни рочишта, на 8 април, 22 април и 28 април.
