Проблемот со училиштето „Тодор Јанев“ во Чашка е зголемен од моментот кога министерот за образование Јетон Шаќири му ги одзеде ингеренциите на градоначалникот на општината. Вака за Телевизија 21 изјави пратеникот на СДСМ од овој регион, Мухамет Кадриов. Кадриов вели дека најдобро решение е да се изгради уште едно училиште за учениците Албанци.
„Решението е ова, прво да му се вратат надлежностите на градоначалникот, потоа ние како политичари, фактори во оваа зона, да седнеме и да најдеме решение. Една од решенијата е да седнеме со родителите од Чашка, сметам дека ќе прифатат, додека да изградиме училиште во Бањица децата таму да учат. Паралелката веќе е отворена, значи да продолжат на албански јазик додека да го направиме објектот во Бањица. Причината поради која јас бев индиферентен е поради тоа што ова прашање доби политичка конотација, не го решаваме проблемот туку правиме повеќе проблеми“, вели Кадриов.
Сепак, министерот за образование Јетон Шаќири се сомнева дали пратеникот Кадриов го кажува тоа што го чувствува или ја кажува вистината. Шаќири вели дека Кадриов четири години како пратеник никогаш не направил ништо за да го реши проблемот.
-Нека размисли пратеникот што кажува, дали ја кажува вистината или тоа што лично го чувствува затоа што е пратеник веќе четири години, треба да види што направил за четири години. Јас сум министер околу две години, ниту еден ден не дојде ниту еден пратеник во Министерството за образование, за отворање на паралелка во училиштето Тодор Јанев. Апелирам до пратеникот кој секогаш велеше не, не е време, не, не е ситуацијата сега, но еден ден треба да се отвори оваа дискусија-изјави Шаќири.
Изјавите на пратеникот Кадриов го изненадија дури и претседателот на Собранието Талат Џафери.
-За жал, денеска случајно прочитав дека во опструкцијата се вклучил и пратеникот од таа област од редовите на СДСМ, од албанска припадност од тој регион, што го избрале тие граѓани. Во контекст на владините надлежности, во рамки на владата е таа надлежност, на општинскиот дел, другиот дел на министерството. Не мислам дека врз основа на правилата и процедурите ќе се преземат сите активности за да се обезбеди под сите услови секој ученик да може да го искористи правото, под услов да се одземат ингеренциите на соодветните општини-вели Џафери.
Инаку, протестите во Чашка почнаа пред три недели, откако во училиштето Тодор Јанев беше донесена одлука за отворање на албанската паралелка. Учениците Албанци во ова училиште досега учеа на македонски јазик. Родителите кои протестираат не им дозволуваат на децата да посетуваат настава, но и ги спречуваат наставниците и директорката да си ја вршат работата.
