Шаќири: Не ги двоиме студентите, но немаме буџет – студентите од приватните универзитети без бесплатен превоз

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Студентите од приватните универзитети се жалат дека не ги уживаат правата за бесплатен превоз како нивните колеги од државните универзитети туку мораат да плаќаат месечен билет од 1300 денари.

Роза Милкова, редовен студент на приватен универзитет вели дека јавниот превоз е голем месечен трошок за нив. Дури и за месечен билет од 1000 денари треба да достават доказ дека се студенти, а за тоа плаќаат дополнително на универзитет.

За ова прашање, универзитетскиот професор Митасин Беќири ги поддржува студентите и нивните поплаки велејќи дека не треба да има разлика меѓу студентите од приватните и државните универзитети.

„Треба да имаме паралела на тоа што е јавно а што приватно, зошто да се прават разлики? Пред законот сме исти. Кога сме пред законот треба да бидеме еднакви и за јавниот превоз во случајов. Како што користат превоз студентите на државните универзитети исто треба да биде и за студентите на приватните факултети“, вели Митасин Беќири.

Министерот за образование Јетон Шаќири вели дека со буџетот во моментов тоа не може да се направи. Тој не ја исклучува можноста за такво нешто во иднина но потребен е ребаланс на буџетот.

Освен јавен превоз, студентите од другите градови треба да плаќаат и за студентски дом. Студентката Милкова рече дека во моментов се прави реконструкција на студентскиот дом Кузман Јосифоски а за неколку месеци треба да се реконструира и Стив Наумов, поради што студентите можеби ќе мораат да изнајмуваат приватни станови.