Шаќири ветува повисоки плати, Неделков: Штрајкот продолжува додека не добиеме конкретно ветување

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На четвртиот ден од генералниот штрајк во образование, ресорниот министер Јетон Шаќири ги повика наставниците да го прекинат штрајкот и да се вратат на настава. Приоритет е враќањето на учениците во школските клупи, додава Шаќири, истовремено ветувајќи покачување на платите, но не без да прецизира за колку.


-Станува збор за достоинство и ние треба да ја цениме и работата на сите наставници.
Доколку ја претвориме проценката и ситуацијата во бројки и ја поврземе со таа бројка – согласни или не, повторно продолжува штрајкот и повторно нема да има настава, додека не дојдеме до одредена бројка. Овој процес треба да се разбере, настава мора да има, ќе ја постигнеме и ќе ја испорачаме и таа бројка, но не сакаме овој процес да ги условува учениците, вели Шаќири.

Штрајкот продолжува и во детските градинки. Министерката Јованка Тренчевска, вели дека на штрајк се 50 објекти, додавајќи дека децата се примаат и се згрижуваат. Тренчевска уверува дијалогот продолжува и дека ќе биде донесена вистинската одлука, како за платите, така и за другите барања.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков го обвини Министерството за труд и социјала за притисок врз штрајкувачите во градинки. Вели дека вработените постојано се соочуваат со жестоки притисоци. Во однос на можноста за прекинување на штрајкот, како што бараат МОН и МТСП, Неделков на став дека таква одлука треба да донесе членството кога ќе добијат предлог за покачување на платите.

Околу 25 илјади наставници, воспитувачи и вработени во градинки низ целата држава веќе четири дена не држат настава. Нивното главно барање до Владата е покачување на платите.