Пациентите кои страдаат од тешка форма на епилепсија веќе нема да мора да одат на лекување во странство. Во нашата земја за првпат, кај 36-годишна жена е извршена интервенција која означува почеток на работа во една сосема нова сфера во неврохирургијата и неврологијата. Станува збор за постапка за стимулација на нервот вагус и се користи за подобрување на квалитетот на животот на пациентите со епилепсија. Оваа постапка ќе се користи кај пациентите кај кои терапијата нема никаков ефект и кои имаат многу чести епилептични напади и не можат да ги вршат нормалните животни функции, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.
Директорот на Клиниката за неврохирургија, Владимир Рендевски истакна дека оваа интервенција е нова врата во функционирањето и напредокот на Клиниката, а корист од неа ќе имаат сите пациенти.
Според Владимир Башчаревиќ од Институтот за неврохирургија во Белград, оваа метода ја намалува фреквенцијата и силината на нападите, па така сега овие пациенти имаат сериозна шанса да се вратат во нормалниот живот.
Инаку, во нашата земја има околу 15 илјади пациенти со епилепсија, а 30% од нив не реагираат на терапија.
