Локалните избори кои веќе се објавени за на 17 октомври ќе го оневозможат функционирањето на претпријатието кое ќе управува со националниот парк Шар планина. Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, посочува дека веќе се издвоени 100 илјади евра со цел претпријатието да функционира нормално и да има внатрешна организација.
„Ние како министерство имаме 100 илјади евра фондови за првата година за функционирање на претпријатието, Ибрахим Дехари е избран за директор и потоа ќе создадеме внатрешна систематизација за администрацијата, финансиите и исто времено имаме договор со Министерството за земјоделство ние да земеме 30% од вработените кои се во Тетово и Гостивар и тие да се преквалификуваат, но ова е само почеток. Идејата е во Шар планина да се отворат многу можности за економски развој на регионот“, вели Насер Нуредини.
Според Нуредини, сега е обврска на Претпријатието, општините и Владата да ја поправат инфраструктурата на селата, со цел да наликува на вистински национален парк.
„Многу добро го разбирам прашањето дека сте загрижени бидејќи за жал има многу отпад во Шара, но тоа нè обврзува како држава, општините и новото претпријатие да ги исчистиме и да ја средиме инфраструктурата во сите населени места кои се во Шар Планина и да создадеме национален парк како што се Маврово, Пелистер и Галичник“, посочи Нуредини.
Многу жители на селата во подножјето на Шара реагираа дека прогласувањето за национален парк, според нив, ќе им го ограничи движењето и нема да можат да ги работат ниту своите земјишта што се над селата каде живеат. Но, од Министерството велат дека тие ќе имаат само корист и нема да им бидат ограничено движењето.
