Прогласувањето на Шар Планина за Национален парк за жителите на селото Пршовце, општина Теарце е неприфатливо во границите кои ги планираат институциите. Еден од жителите, Фадиљ Сабриу, вели дека е предвидено Националниот парк да почнува веднаш над селото. Ова за нив преставува голема проблем, бидејќи на планината имаат имот, па поради тоа стравуваат дека ќе им биде ограничено движењето и активностите.
„Стравуваме дека тие ќе го прогласат за Национален парк, а селаните треба да пренесуваат дрва, а имаме и имот до таму горе. Има и викендички. Ние бараме Националниот парк да биде прогласен од планината нагоре, не надолу. Поради тоа не се согласуваме. Прогласувањето на националниот парк ќе им наштети и на шумите, бидејќи надлежните можат да дадат тендер и кој посака да дојде и да ја исече. Доколку ние не можеме да промениме ништо, ќе преземеме и други чекори во вид на протест“, посочи Фадиљ Сабриу, жител на С.Пршовце.
Но, директорот на Управа за животна средина Хисен Џемаили, го вели спротивното. Според него, Националниот парк нема да го ограничува движењето на селаните, туку, како што уверува, ќе им донесе добро.
„Границата на паркот почнува веднаш над селата кои се во подножјето на планината. Но, треба да се нагласи дека жителите нема да имаат ограничувања кога станува збор за нивните бизниси, користењето на приватното земјиште, правото за користење вода за пиење и сите други економски активности кои ги вршеле досега. Значи, во оваа насока нема да имаат некакви пречки, туку стимул во однос на развојот на земјоделието, сточарството, плечарството и други работни активности кои се карактеристични за Шар Планина“, истакна директорот на Управата за животна средина, Хисен Џемаили.
Сабриу додава дека прогласувањето на Шара за Национален парк би било прифатливо само според словенечкиот модел, односно кога границата би започнувала од планинскиот дел, а не околу селата.
