Министерот за правда, Јетон Шасивари, денеска одржа работна средба со претседателката на Комората на извршители, Весна Деловска, на која се разговараше за актуелните предизвици во извршителската дејност и можните законски решенија за нејзино унапредување.
На средбата, претставниците на Комората на извршители, која од 2006 година континуирано соработува со Министерството за правда, ги презентираа своите предлози и забелешки во врска со измените и дополнувањата на Законот за извршување. Притоа, тие ја истакнаа подготвеноста активно да учествуваат во работата на работната група што ги подготвува законските измени.
Од Министерството за правда нагласуваат дека остануваат посветени на инклузивен и транспарентен процес на реформи, во кој ќе бидат разгледани сите конструктивни предлози. Целта е да се создаде поефикасен, потранспарентен и поправеден систем на извршување, кој ќе придонесе за поголема правна сигурност, владеење на правото и заштита на интересите на граѓаните.
