Високиот генерал на руската армија и шеф на силите за нуклеарна, биолошка и хемиска одбрана Игор Кирилов загина во експлозија во Москва.
Како што јавува Би-Би-Си, генералот Кирилов ја напуштал станбената зграда кога експлодирал експлозив скриен во скутер, соопшти Рускиот истражен комитет.
Тој бил придружуван од неговиот помошник, кој исто така починал.
Кирилов беше одговорен за руските сили за нуклеарна одбрана.
Тој беше назначен за шеф на тие сили во април 2017 година.
Според руската новинска агенција Тас, тој учел во Вишата воена школа за хемиска одбрана Кострома.
Украинската служба за безбедност (СБУ) вчера во отсуство го осуди Кирилов за употреба на забрането хемиско оружје во Украина, објави Киев Индипендент.
СБУ тврди дека за време на Кирилов, Русија користела хемиско оружје во Украина речиси 5.000 пати.
Кирилов беше санкциониран од Британија и Канада, меѓу другите, за неговата улога во војната во Украина.