„Ова е одличен ден за Армијата, за македонската одбрана, но ова е одличен ден за нашето стратешко партнерство со САД. Со САД и нивните вооружени сили заедно го планираме развојот на Криволак, заедно го работиме на развојот на Криволак, а веќе оваа пролет ќе продолжиме заеднички да го користиме како еден феноменален, не само локален национален капацитет, туку како НАТО капацитет“ – истакна министерката Шекеринска која денеска беше во посета на армискиот полигон Криволак заедно со амбасадорката на САД, Кејт Брнз каде беа брифирани за претстојните активности на инженериските единици од двете земји кои ќе придонесат за развој на овој полигон.
Министерката Шекеринска додаде дека веќе во средината на идниот месец се очекува да пристигне 15от инженериски баталјон на американската војска и заедно со нашите инженерци да продолжат да работат на развојот на полигонот.
„Ова е сојузништво на дело, и ова покажува дека заедно знаеме да планираме, заедно можеме да вложиме во изградбата на Криволак, но се со клучната цел, да бидеме подобри сојузници и заедно да спроведуваме заеднички вежби и заеднички борбени дејствија.“
Таа додаде дека реализацијата на овие активности е всушност подготовка на големата вежба „Одлучен удар – 21“ на која ќе учествуваат околу 2000 припадници од армиите на Северна Македонија, САД, Грција, Бугарија. Шекеринска кажа дека на денешниот брифинг таа заедно со амбасадорката, Брнз биле информирани за планот за развој на полигонот за оваа но и за наредните години кога ќе се реализираат нови вежбовни активности, но и за можностите кои ќе ги понуди полигонот за сите сојузници кои бараат ваков голем простор за извежбување.
„Денеска ќе имаме прилика да видиме до каде е стигната работата со инженерците, меѓутоа мислам дека главната порака е дека кога си дел од силен сојуз како што е НАТО и кога имаш сојузници на кои што можеш да се потпреш – стануваш подобар“ – рече Шекеринска
Амбасадорката на САД, Кејт Брнз истакна дека е импресионирана од професионалноста и од стручноста на војниците, но и од начинот на подготовка за реализација на вежбата „Одлучен удар“.
„Секоја единица од САД која што се обучувала тука имала само пофални зборови за Криволак и за неговиот потенцијал и знам дека сите кога ќе дојдат тука еднаш се уверуваат во тоа што можат да го видат. Криволак е извонреден капацитет за Северна Македонија и навистина ги ценам вашите планови што инвестирате и го развивате овој полигон за обука и тоа ќе ги поддржи не само потребите за обука кои што Северна Македонија ги има во моментов, туку и нивните потреби. Војската се модернизира со нова опрема односно со лесните оклопно тактички возила и страјкери и тоа претставува навистина голема поддршка за посложени комбинирани обуки со американските и со регионалните партнери и сојузници на НАТО. САД како резултат на тоа се навистина посветени да ви дадат поддршка во вашите напори за унапредување на полигонот Криволак и на тој начин да постигнеме еден одржлив момент за да ја поддржиме оваа вежба која што ќе се случи летово и многу други вежби во иднина“ – рече Брнз.
