Причината за повлекувањето на Радмила Шекеринска од заменичката позиција во владејачката СДСМ за која вчера лидерот на партијата Зоран Заев рече дека е реорганизација на партијата, излезе дека всушност се работи за големо незадоволство од досегашниот втор човек на социјалдемократите. На аудио снимката од обраќањето на Шекеринска на вчерашниот конгрес на партијата, на фејсбук страната Реформи во СДСМ, таа изразува загриженост и несогласување од начинот на функционирањето на партиското раководство. За некои работи шушкаме а не зборуваме за да го решиме проблемот, тоа нема да и помогне, туку само ќе и одмогне на партијата.
„Загрижена сум што е сомнително кога некој има став и некаква позиција, исправна или не, а не кога ги жртвува и ставот и принципите за некаква лична цел. И загрижена сум што повеќе почнавме да им веруваме и да им помагаме на луѓето што ескивираа или се дистанцираа, а помалку на оние кои страдаа заедно со нас“, вели Радмила Шекеринска.
Во друга снимка пак се слуша како делегати на конгресот го критикуваат Заев за разрешувањето на Стојко Пауновски од прв човек на Пазарниот инспекторат. Побаравме коментар од СДСМ за снимката од каде велат дека вчерашниот Конгрес поминал во демократска и другарска атмосфера и дека тоа што Шекеринска јавно го изнесува своето мислење е доказ дека во партијата се почитуваат различни мислења.
„Конгресот на кој, секако, имаше дебата, помина одлично, во демократска, другарска и пријателска атмосфера. Промените во партијата добија силна поддршка од делегатите и од членовите на поранешното раководство, меѓу кои, секако, и Радмила Шекеринска, што се покажува и со големиот број гласови при усвојувањето на одлуките. Во СДСМ се говори гласно, се почитува различно мислење и тоа е една од демократските вредности и придобивки““, посочи Богданка Кузевска.
Но што ќе донесе новото раководство на владејачката СДСМ? Директорката на УЈП Сања Лукаревска на столчето на еден од столбовите на партијата Радмила Шекеринска, новите потпретседатели министерот за здравство Венко Филипче и вицепремиерот за економија Фатмир Битиќи ги заменуваат досегашните Коста Петров и Мухамед Зекири. Заев вели дека е задоволен од промените на Конгресот.
„Имаме компилација и на потпретседатели и на раководство кое што јавноста барем исклучително позитивно коментираше од моментот на сознавањето на имињата еве до ден денеска. Тоа е многу значајно за да биде ветер во грб но и чувство на одговорност и обврска да работиме сите“, посочи Заев.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ со критики по вчерашниот изборен конгрес.
„Во СДСМ настанува комплетна султанизација под водство на Заев. Заев сам си предложи и си избра луѓе од најблиска доверба кои на Македонија и донесоа над 5.200 починати заради здравствен систем кој не функционира, 60.000 нови невработени заради економски мерки кои не помагаат никому“, порача Стефан Андоновски.
На конгресот покрај новоизбраните потпретседатели Битиќи и Филипче, на оваа позиција остануваат Спасовски и Царовска. Љупчо Николовски останува генерален секретар на партијата.
