Ова се сериозни злоупотреби и неправилности кои за мене не се ништо ново, ги гледаме со години. Вака деканот на Градежниот факултет Горан Марковски, во емисијата Бизнис 21 ја коментираше акцијата на Mинистерството за транспорт со која без лиценци ќе останат 479 фирми во градежништвото. Тој гледа многу нелогичности во Законот за градење кој и покрај постојаните измени, не се менува во клучни сегменти.
-Фиктивно се вработува лице што има овластување и овластувањето се користи за добивање на лиценца. А тоа лице воопшто не ни работи во фирмата, туку е само заведено дека работи два часа во текот на неделата. И сега може тоа лице на неколку места да го продава своето овластување и затоа имаме вакво незадоволување на условите, затоа што ги нема луѓето, изјави Горан Марковски, декан на градежен факултет.
Марковски вели, категоризацијата за лиценците е нелогична. За него е нејасно како фирма која ќе изгради чуварски куќи за повеќе министерства,со тие референци може да гради и болници, мостови тунели. Вториот проблем според него е тргувањето со овластувањата. А клучен проблем е надзорот, кој треба да гарантира за квалитетот на градбата.
-Во нашиот Закон за градење, единствено позитивно мислење односно записник дека објектот е изведен согласно стандардите и проектот, потпишан единствено од надзорот е доволен за да може објектот да се пушти во употреба. Надзорот е ангажиран од инвеститорот. Самото тоа е конфликт на интереси. Кој надзор ќе напише негативен извештај за што е платен две години, три години и така натаму, изјави Горан Марковски, декан на градежен факултет.
Министерот Николовски вчера рече дека контролите на 3.100 лиценци утврдиле шема кај дел од компаниите – додека да ја добијат лиценцата ги исполнувале сите услови за бројот на архитекти, инженери, проектанти, но потоа дел од нив биле одјавувани. А имало случаи каде ист човек е пријавуван како ангажиран во различни компании. Николовски кажа дека после известувањето до сите надлежните институции, ќе се испитува и што се имаат градено овие компании.
-Овие контроли се прават во однос на лиценците што се издадени во однос на број на вработени. Во дел на квалитет на изведување и во дел на навремено извршување постојат соодветни надзори кои што ги контролираат градбите. Не сакам да се створи погрешно мислење ниту паника. За секоја компанија посебно ќе се постапува и како ќе има информации ќе биде известена јавноста, изјави Александар Николоски, министер за транспорт.
На Влада вчера пак поминаа измени на седум закони со кои најмалку два пати годишно ќе се прават контроли врз лиценците, а тие што ги кршат правилата, веднаш ќе останат без лиценци.
