Ова е Шерифедин Адили, 72-годишник од градот Тетово. Од основно училиште работи како сарач – занает што се занимава со обработка на кожа за изработка на опрема за животни, особено за коњи. Шерифедин раскажува како ја започнал оваа работа и како се променил занаетот низ годините.
„Од дете, трето или четврто одделение, бев чирак тука, потоа отидов војник, кога се вратив мајсторот ја продаде работилницата и замина во Турција, а јас имав една нива на патот за Брвеница. Ја продадов и го купив дуќанот, и од тогаш сум тука. Тогаш имаше многу работа, имаше коњи во секоја куќа и по селата. Орањето се вршеше со коњи. Во Скопје се одеше со коњи, стоката се превезуваше со коњи, доматите. Песок се носеше од Вардар со кола и коњи, а сега сè е со трактори, багери, никој не работи повеќе.“

Колку е сега исплатлив овој занает? Шерифедин вели дека денес нема ниту чирак. Последниот чирак бил пред 30 години.
„Не, нема воопшто, нема ни коњи, ништо нема, секоја куќа имаше во село и во град. Ораа, транспортираа стока од Скопје, а сега каде има. Сега во селата нема. Една крава една куќа не чува, млеко, јогурт немаат.
Дали дошол некој да праша дали ти треба чирак?
Не, никој не дошол. Кога го имаше последниот чирак? Не знам, можеби има 30 години, не, нема, и не се виновни. Што ќе прават, ќе губат време и нема работа, нема.“
Шерифедин сега изработува ремени за панталони од чиста кожа и објаснува разликата меѓу неговите и индустриските ремени.
„Тие што ги купуваат се од хартија. Овој што го правам јас е од чиста кожа, а оној е од хартија. Еве овој е хартија, а личи ли на ремен!?

Колку чини еден таков ремен и за колку го продаваш?
Јас го продавам за 300, пошироките за 400 денари. И тие ги продаваат толку, ама луѓето не знаат, хартиениот ќе трае неколку месеци и ќе го фрлат, не е квалитет, а мојот ремен 20 години е мир.“
Во Тетово останале само двајца сарачи, а последната самарџиска работилница, според Шерифедин, е затворена пред седум-осум години.
„Само ние двајца сарачи останавме во Тетово. Други нема, и ние немаме работа, ама доаѓа некој со некоја торба, ремен. Самарџија повеќе нема.
Кога ја продаде последната самарџиска работилница?
Последната самарџиска, ни не се сеќавам, можеби седум-осум години има.“
Во Тетово повеќе нема ни самарџии – занает кој исчезнал пред многу години. И сарачкиот занает е на пат да исчезне. Шерифедин вели дека го држи дуќанот отворен само за да го поминува времето, а за наследник во занаетот и не размислува, бидејќи, како што нагласува, „нема работа“.
