Шест експлозии во главниот град на Еритреја

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Шест експлозии одекнаа во главниот град на Еритреја, Асмара. Американскиот Стејт департмент соопшти дека бунтовниците од етиописката провинција Тиграј претходно бомбардирале цели во Еритреја и упати апел до американските граѓани во регионот да бидат внимателни порадии судирите во Тиграј помеѓу бунтовниците и армијата на Етиопија.

Претходно, премиерот на Етиопија, Абиј Ахмед изјави дека етиописката армија го зазела главниот град на Тиграј, Мекеле и оти бунтовниците најавиле повлекување. Додека лидерот на бунтовниците во Тиграј, Дебрецион Гебремајк изјави дека ќе продолжи борбата противетиописката Влада.

– Нивната бруталност може да придонесе за нашата одлучност да се бориме против освојувачите, истакна Гебремајкл.

Еритреја и Етиопија потпишаа мировен договор пред две години, но Владата на претседателот Исаија Афеверки е непријателски настроена кон раководството на Тиграј и неговата улога во разорната војна од 1998 до 2000 година.

Борбите во Тиграј почнаа на 4 ноември откако премиерот покрена воена операција откако локалните сили ги нападнаа сојузните трупи. Тензиите ескалираат од септември, кога во Тиграј се одржаа регионални избори и покрај спротивставувањето на сојузната Влада, која гласањето го оцени како нелегално.

Во судирите загинаа стотици луѓе, а експертите ставуваат дека во Етиопија може да избие граѓанска војна, што не само што ќе го загрози економскиот развој на земјата, туку може да го дестабилизира целиот Рог на Африка, стратешки регион, кој е еден од најтурбулентните делови од светот.

Тигрејците се пет отсто од целокупното населени на Етиопија, но имаат значително влијание во земјата. Народноослободителниот фронт на Тиграј (ТПЛФ) доминираше во политиката и со силите за безбедност од 1991 до 2018 година, кога е избран Ахмед.