По шест години од потпишувањето, Преспанскиот договор е во фаза кога идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ нема да ја употребува придавката Северна. . Бевме сведоци и кога уставното име не беше употребено при заклетвата на претседателката Гордана Силјановска Давкова. Покрај острите реакции од Атина, пораки стигнаа и од САД, но и од Европската унија да се почитува Преспанскиот договор. Потоа во меѓународните случувања и комуникација наместо официјалното име, Силјановска го употребува терминот мојата земја, нашата земја или пак целосно го избегнува иако притоа го користи низ пишаните документи. За употребата на името и Силјановска Давкова, но и Мицкоски тврдат дека го почитуваат Преспанскиот договор но дека секој има човеково право да ја нарекува државата како сака. Давкова вчера на Самитот за мир во Швајцарија се сретна со премиерите на Грција Киријакос Мицотакис и на Бугарија Димитар Главчев.
„Со нетрпение очекувам да се вклучиме во продуктивни дискусии со нив во корист на нашите држави и регионот. Мора да соработуваме и да ги подобриме меѓусоседските односи.“, стои во објавата на Гордана Силјановска – Давкова.
Во одбележување на 6- годишнината од Преспанскиот договор екс премиерите на Македонија и Грција Зоран Заев и Алексис Ципрас во Атина организираат дводневна меѓународна конференција за мир и одржлив развој. Во поздравното обраќање Венко Филипче, директор на Фондацијата на Заев Едно општество за сите, рече дека преку Договорот од Преспа спорот со Грција е трансформиран во соработка.
„Преспанскиот договор е живописна демонстрација дека дури и најтешките спорови може да се решат, кога приоритет на лидерите е заедничкото добро за сите. Тоа е белег на историски момент кога конфликтот беше трансформиран во соработка за похармонична иднина. Тоа не потсетува дека вистинското лидерство не е да ја имаш моќта, туку во негување доверба и градење мостови“, рече Филипче.
Преспанскиот договор го потпишаа поранешните министри за надворешни работи македонскиот Никола Димитров и грчкиот Никос Коѕијас, на кој беа и тогашните премиерот Зоран Заев и Алексис Ципрас, посредникот во преговорите Метју Нимиц, како и поранешниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан и поранешната висока
претставничка на ЕУ Федерика Могерини.
