Македонскиот вицешампион Шкендија продолжува со засилувањата во пресрет на настапот во квалификациите за Конференциската лига на УЕФА. Само неколку дена пред првиот европски натпревар, тетовскиот клуб го официјализираше враќањето на играчот од средниот ред Флорент Рамадани.
Дваесетипетгодишниот фудбалер повторно го облекува дресот на својот матичен клуб, откако изминатите шест месеци настапуваше за косовскиот шампион Дрита, со кој ја освои титулата во домашното првенство.
Од Шкендија соопштија дека Рамадани потпишал двегодишен договор и веднаш ќе му се стави на располагање на стручниот штаб.
„Заемната желба на клубот и играчот повторно да соработуваат го направи договорот многу лесен за постигнување. Флорент Рамадани денеска ќе му се приклучи на тимот“, објавија од тетовскиот клуб.
Шкендија новата европска сезона ја отвора в четврток со гостување кај Европа од Гибралтар во првиот квалификациски натпревар од Конференциската лига.
Реваншот ќе се одигра на 16 јули на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, каде македонскиот претставник ќе се обиде да обезбеди пласман во следната рунда од натпреварувањето.
