Тетовска Шкендија и оваа сезона европските натпревари ќе ги игра надвор од својот град поради катастрофалните услови на стадионот. Градоначалникот на Тетово Билал Касами даде уште едно ветување за започнување на реновирањето на стадионот. Тој на средбата со претставници на Шкендија и компанијата Еколог и вели дека се блиску до постигнувањето договор според кој на есен ќе почнат градежните работи.
„Имаме една понуда. Вчера ги разјасниме и последните детали и верувам дека наскоро како општина Тетово и претставниците на Шкендија ќе имаме конечен договор и наскоро ќе почнат и работите на тетовскиот стадион. Врз основа на одредените динамики со претставниците на клубот Шкендија, очекувам некаде на есен да почнат работите“, вели Биљал Касами.
Но Касами и на почетокот на 2022 година рече дека во текот на таа година ќе почнат работите.
„Се очекува за неколку месеци да имаме конечен договор и верувам дека во текот на годината ќе почнат работите на градскиот стадион“, додаде Биљал Касами.
И на 11 ноември претходната година, Касами изјави дека во текот на 2022 ќе се постигне договор.
„Верувам до крајот на 2022 ќе имаме конечен договор“, додаде Биљал Касами.
Тетовскиот градски стадион е даден под концесија на компанијата Еколог, но инфраструктурата веќе неколку години е во многу лоша состојба. Стадионот има осветлување, теренот исто така е саниран, но сепак таму не можат да се играат меѓународни натпревари поради уништени трибуни. Поради оваа причина, тетовскиот тим е принуден да игра во Скопје.
