Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска по критиките од Украина и опозицискиот табор се обиде да го оправда својот телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин.
„Мислам дека е многу важно да му ставиме до знаење на Путин дека не може да смета на фактот дека поддршката од Германија, Европа и многу други ќе се намали“, изјави германскиот канцелар Шолц пред да замине на самитот на Г-20 во Рио де Жанеиро.
Тој уште еднаш нагласи дека му дал на Путин до знаење дека Германија нема да дозволи мир што ќе дојде на сметка на Украина.
„Без согласност на Украина, нема да се носат одлуки за оваа војна“, рече Шолц.
Шолц објасни дека неговиот телефонски разговор со Путин во петокот, прв во последните две години, го убедил дека рускиот претседател не го променил ставот за војната во Украина, што според него „не е добра вест“.