Шолц во Софија ја повтори поддршката, Петков бара исполнување на трите услови со ЕУ гаранции

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Директно од Македонија, германскиот канцелар Олаф Шолц замина и во посета на Бугарија. На заедничката прес конференција со бугарскиот премиер Кирил Петков, тој истакна дека Германија разбира дека не е лесно да се надминат историските прашања меѓу двете страни, но додаде и дека Македонија треба да има европска перспектива. Сметам дека има шанси да се постигне напредок и ќе продолжиме со разговорите до крајот на француското претседателство, рече Шолц.

„Силно го поддржувам постигнувањето договор за почеток на пристапните преговори со Европската унија на Република Северна Македонија и Албанија. Убеден сум дека ние Европејците сме одговорни за Европската унија и за стабилноста на Балканот. Северна Македонија и другите држави од Западен Балкан треба да имаат сигурна европска перспектива.“, рече Шолц.

Бугарскиот премиер Кирил Петков ги повтори трите барања кои очекува да ги исполни Македонија, но со гаранции од Европската унија.

„Бугарија има три основни приоритети за кои Европската унија треба да биде дел од гаранцијата за да има чекори напред. Првото нешто е да ги видиме сите можности преку европските процеси да се гарантира вклучувањето на Бугарите во Уставот на Република Северна Македонија за да можеме да ги заштитиме правата на Бугарите таму. Истовремено имаме Рамковна позиција и Договор за добрососедство“, изјави Петков.

Во својата балканска турнеја германскиот канцелар Шолц ги посети Србија, Косово, а денеска и Македонија и Бугарија.