Шпанија го ратификува Протоколот за членство во Алијансата – Столтенберг: Македонија, добредојде во НАТО

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Сенатот на Шпанија вчера на пленарна седница го ратификува Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО, по што и шпанскиот крал Фелипе Шести го потпиша документот. Властите во Мадрид најавија дека најдоцна за 72 часа ќе го депонираат Протоколот во Стејт департментот во Вашингтон, со што конечно ќе завршат сите правни процедури пред нашето депонирање на веќе ратификуваниот документ од страна на Собранието и подгигнување на државното знаме пред седиштето на Алијансата во Брисел.

Гласањето во шпанскиот Сенат беше без физичко присуство на сенаторите, поради состојбата со коронавирусот во земјата, при што ниту еден од нив не се изјасни против ратификацијата на Протоколот.

– Денес е историски ден, од 1993 се обидуваме да одиме по патот кон членство во НАТО. Денеска со оваа 29-та ратификација тој пат се затвора. Политичкиот дел е завршен, од денес па натаму се работи за форма и церемонија, истакна шефот на дипломатијата Никола Димитров, додавајќи дека со ова завршува тридеценискиот процес за влез на земјава во северноатлантското семејство.

На заедничка прес-конференција во Владата со министерот Димитров, шпанскиот амбасадор во земјава Емилио Лоренцо Сера нагласи дека било многу важно Шпанија да го донесе законот за ратификација на Протоколот.

– Шпанија во Скопје. Ми преставува големо задоволство усвојувањето од страна на Сенатот на Шпанија на Законот за ратификација на Протоколот за прием на РС Македонија како 30-та членка на НАТО. Шпанија и РС Македонија ќе станат и формално сојузници што веќе де факто и се, продлабочувајќи ги на тој начин пријателските билатерални односи штом неговото височество кралот на Шпанија ќе го потпише законот и инструментот за ратификација биде депониран во Вашингтон, што секако ќе се случи многу набргу, рече шпанскиот амбасадор на македонски јазик.

По ратификацијата на пристапниот Протокол од страна на шпанскиот Сенат, се огласи генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, кој го честита членството на Северна Македонија во Акијансата.

– Шпанскиот Сенат го ратификуваше пристапниот Протокол за влез на Северна Македонија во НАТО. Со тоа сите сојузници и посакаа добредојде на идната 30-та земја членка. Честитки, Северна Македонија, објави на својот Твитер профил Столтенберг.