Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, гостувајќи во емисијата „Click“ на РТВ21 Приштина, го критикуваше ВЛЕН за влегувањето во Владата без легитимитет.
Ахмети рече дека ова треба да биде последната грешка што албанските партии влегуваат во Владата без легитимитет.
Според него, ВЛЕН „се продал многу евтино“.
Ахмети истакна и дека ДУИ една деценија управувала со ВМРО, а една деценија со СДСМ, но, како што рече, без договор не влегувала во Владата.
„Несреќата е зошто Албанците да бидат учесници во вакви игри кои се толку понижувачки за Албанците. Се надевам и го молам Господ овој пропуст албанските политички партии да не го повторат во иднина. Колку тие го разбрале тоа, треба да се разјасни, бидејќи се продадоа толку евтино.
Јас управував една деценија со ВМРО и една деценија со СДСМ, но без договор не сум влегол во заедничка влада. Можеби не сум одел со гигантски чекори, но сум одел со аритметички чекори. Во секој мандат ги проширував правата што им припаѓаат на Албанците, имајќи го предвид Охридскиот рамковен договор. И не одев по пат на намалување на правата на Албанците.
Континуирано се зголемуваше застапеноста на Албанците. Од 1–2% застапеност на Албанците во институциите, денес таа е 22–23%, а сè уште има простор за унапредување. Но, овие отидоа чекор понатаму и ги понижија Албанците, бидејќи ги отстранија нерезидентните Албанци и ги исфрлија од процентот. Од официјалните 29,7%, колку што е резултатот од пописот, ги намалија на 23–24%.
Доколку се придвижеле, или без нив ситуацијата да ја оставеле онака како што ја затекнавме, тоа ќе беше успех за Албанците. Но, ситуацијата толку многу се деградираше што сега ни треба многу енергија за да ја потрошиме за да ја достигнеме посакуваната состојба во земјата.
Јас не барам од нив да направат колку што направивме ние, бидејќи ја најдов оваа власт на нула, а ја оставив со албански премиер“, порача лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во емисијата „Click“ на РТВ21 Приштина.
