Шпанија сака да ги забрани социјалните мрежи за деца под 16 години

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Шпанија се подготвува за донесување закон со кој би се забранил пристапот до социјалните мрежи за деца помлади од 16 години, со цел да се спречи онлајн вознемирувањето и да се зајакне менталното здравје.

Парламентот во Мадрид го стави на дневен ред гласањето за законот, околу кој, во принцип, постои согласност меѓу политичките партии. „Околу 92 отсто од семејствата во Шпанија се загрижени за содржините до кои пристапуваат нивните деца“, изјави социјалистичкиот премиер Педро Санчез во ноември, кога го предложи законот.

Повикајќи се на студијата „Дигитално детство 2025“, досега најобемното истражување за влијанието на технологијата врз децата во земјата, тој изјави дека секој четврти ученик е жртва на онлајн вознемирување.

На истата опасност минатата недела предупреди и опозицискиот конзервативец Хуанма Морено, претседател на најнаселената покраина Андалузија, за време на собир во јужниот град Кордоба.

Шпанија, во пресрет на гласањето во парламентот, чиј датум сè уште не е утврден, инспирација најде во Австралија. Таа е првата земја во светот која минатиот месец го забрани користењето на социјалните мрежи за лица помлади од 16 години.

„Нејзината влада сфати дека ова стана проблем на јавното здравје, а не индивидуален проблем или тешкотија на поединечни семејства“, изјави социологот Сантијаго Писонеро за шпанската јавна телевизија ТВЕ.

Користат повеќе социјални мрежи, некои и OnlyFans

Во Шпанија, земја со 49 милиони жители, сè повеќе родители доаѓаат со своите деца на терапија. Психологинката Ана Асиаин објаснува дека мозокот на децата помлади од 16 години „не е способен да ги контролира импулсите“ што ги носат социјалните мрежи. Тие постојано „лајкуваат“ содржини, имаат потреба од надворешна валидација и постојано се споредуваат со другите, поради што стануваат зависни од социјалните мрежи.

Просечниот тинејџер во Шпанија има пет социјални мрежи, од кои најмногу ги користи WhatsApp, TikTok и Instagram, покажува студија на Универзитетот во Навара.

Непрофитната фондација АНАР, која им помага на деца со проблеми, предупредува дека под влијание на социјалните мрежи децата не спијат доволно, а нивните социјални вештини сè повеќе слабеат.

„Социјалните мрежи треба да бидат алатка за секојдневни средби со другите лице в лице, а не нешто за што се закачуваш, се изолираш и од кое не можеш да излезеш“, вели психологинката Асиаин. Истражување на УНИЦЕФ покажа дека околу 33 отсто од шпанските деца на возраст од 12 до 16 години пристапиле до порнографска содржина, а 5 отсто од нив имаат отворено профил на платформата за возрасни OnlyFans.

Шпанската полиција соопшти дека годишно спроведува околу 100 апсења поради педофилско приближување, при што 75 отсто од жртвите се девојчиња на возраст од околу 13 години. Во Шпанија, лицата помлади од 14 години не смеат да пристапуваат до социјалните мрежи без дозвола од родителите, иако ова правило лесно се заобиколува, а за негово прекршување не се предвидени казни.

Деактивирање на стотици илјади профили

Техничките експерти размислуваат како да се воспостави систем за проверка на податоци што децата не би можеле да го заобиколат. „Можно е да се комбинираат биометриски податоци, како на пример препознавање на лицето на корисникот, со податоците од личната карта“, вели Хуан Рива од технолошкиот институт IMMUNE во Мадрид.

Усвојувањето на законот би значело дека платформите ќе мора да деактивираат околу 400.000 профили кои моментално ги користат лица помлади од 16 години. Се очекува противење од технолошките компании, како што тоа беше случај и во Австралија.

Технолошките компании тврдат дека владите, меѓу кои и онаа на соседна Франција, претеруваат и дека родителите, преку контрола на содржините што ги користат децата, можат сами да го решат проблемот.

Борха Адсуара, експерт за дигитално право, нагласува дека одговорноста е и кај платформите и кај родителите. „Платформите сигурно можат да направат многу повеќе, но родителите се тие кои треба да бидат со децата и постепено да ги воведуваат во интернетот“, вели тој.