Започна судскиот процес за парцелата на плоштадот „Македонија“ во Скопје каде требаше да се градат таканаречените Шпански скали, а сега е прекриен со тревник. Ексминистерот за транспорт Миле Јанакиески на почетокот на воведниот збор на судењето кажа дека тој е таргетиран за овој случај, кој е за граѓанска постапка. Според Јанакиески, 4-те договори за купопродажба на парцелите за изградба на барокна зграда и скали, налик на Шпанските скали во Рим кои се најдолгите скали во Европа, не е возможно да се раскинат. Со незаконската продажба на парцелите пред зградата на ЕВН, обвинетите државата ја оштетиле за 2,6 милиони евра.
„Обвинетите кои биле и се уште се вработени во Министерството за транспорт и врски, а кои биле должни да иницираат постапка за раскинување на договорите кои што се склучени по пат на електронско јавно наддавање за отуѓување на градежно земјиште, како и да наплаќаат договорни казни согласно таквите четири склучени договори, тоа не го направиле.“, вели Ивана Трајчева, јавен обвинител.
„Денеска присуствуваме на едно квази судење, судење кое има епитет на полтичко и тоа политичко судење може да се види и во делот на обвинението кое е паушално и самото по себе нема глаголи во обвинението, нема дејствија. Дел од обвинетите не знаат за што конкретно се обвинети.“, рече адвокатот Тони Менкиновски.
