„Штета е да се сопнете на последната пречка“ – Силна дипломатска офанзива со пораки за уставните измени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Австрискиот шеф на дипломатијата Александар Шаленберг дојде со јасни пораки дека одложувањето на уставните измени ќе значи и одложување на патот кон Европската унија. Рече дека нема намера да се меша во внатрешните работи и одлуките што ќе ги донесе земјава, но јасно порача дека сега е моментот за политичка одговорност и неизгласувањето на уставните амандмани би значело изолација на земјава.

„Да се одложи усвојувањето на амандманите значи да се одложи пристапувањето на Северна Македонија. Би било штета Скопје откога истрча еден тежок маратон да се сопне на последната пречка. Ако не ги прифати уставните измени и не продолжи да оди кон европскиот пат Северна Македонија се соочува со опасноста да биде изолирана“, вели Александар Шаленберг.

Чешкиот министер Јан Липавски рече дека разбира дека носењето на уставните измени е тешка, но очекува да бидат надминат со преговори.

„Северна Македонија ја сметаме како дел од европското семејство веќе и процесот едноставно треба само да се заврши.  Се надевам дека политичките процеси ќе овозможат да тргнете напред, разбирам дека ситуацијата не е лесна и се надевам дека може да се надмине преку преговори и ве поттикнувам тоа да го направите“, додаде Јан Липавски.

Словачкиот министер Мирослав Влаховски рече дека на средбите со партиите ќе се обидат да помогнат за да се постигне национален консензус за зачленувањето на земјава во Европската унија.

„Треба сега да станете водачи, локомотивата која што го влече процесот напред, да станете пример што треба да се следи и се надевам дека оваа мисија ќе заврши и оваа задача ќе заврши до 2030 година. Сакаме повторно како пред две децении да станете лидер на Балканот во ЕУ интеграциите“, вели Мирослав Влаховиќ.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи оцени дека посетата на тројцата колеги е значајна за земјава, но сепак политичката одговорност дали ќе продолжиме по патот на ЕУ останува на нас.

„Нам ни е даден клучот самите да ги отклучиме поглавјата и кластерите и успешно да го продолжиме процесот на преговори. Во наредните неколку недели пратениците ќе бидат ставени пред избор да продолжат со дополнување на Уставот што секако претставува наша цивилизациска обврска и придобивка или ќе ја затвориме таа врата со изговори на кои потоа никој нема да се сеќава“, додаде Бујар Османи.

Амандманите на Уставот деновиве треба да бидат усвоени на владина седница, по што ќе се достават до Собранието каде започнува и процесот на уставните измени.