Штипската Клиничка болница набави нови боци и регулатори за кислород

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Штипската Клиничка болница набави 15 боци со кислород. Средствата се обзебедени дел од буџетот на болницата, но и со средства од неколку штипски компании. Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев вели дека набавката е со цел доколку повторно имаат нов бран на наплив на пациенти во регионалниот Ковид центар да одговорат согласно потребите. Забележа дека претходниот месец набавиле и нови 15 регулатори за кислородните боци.

-Морам да ги пофалам општествено одговорните компании, кои ни помогнаа Мебел инжињеринг, ЕАМ и Кит-го, како многу пати досега излегоа во пресрет, а со нивна помош успеавме да набавиме и 25 нови регулатори за кислород. Така да во наредниот период сметам дека сме доволно спремни за да пречекаме било каков бран или било какво зголемување на бројот на тешки пациенти, вели Ѓеорѓијев.

Посочи дека 25-те донирани регулатори чинат 227.000 денари, а новите кислородни боци чинат околу 170.000 денари, од кои дел се од буџетот на болницата, а останатите повторно по пат на донации.

Прашан колкава е  потрошувачката на кислородот во Ковид центарот, Ѓеорѓијев вели дека во ноември се потрошени 15 тони кислород или еден тон повеќе од октомври.

-Продолжува трендот на потрошувачка, а за декември ќе видеме, немаме проблеми со испораката, бројот на боци и регулаторите, па мислам дека така ќе остане и понатаму, вели Ѓеорѓијев.

Корона вирусот ги откажа операциите на штипска хирургија. Дел од персоналот од различни оддели е во изолација и не е на работа. Операции не се прават и на Очно одделение, таму  апаратот за операции на катаракта е расипан, а медицинските сестри по принцип на ротација се распределени во Ковид центарот.Но, Ѓеорѓијев очекува овој апарат да биде ставен во функција во јануари.

Директорот на штипската Клиничка болница најави дека на 16 декември ќе имаат онлајн преговори со Фондот за здравство за буџетот за наредната година. Очекува да биде поголем во споредба со 2020 година. Во тековната година на располагање имаа 470 милиони денари. Што се однесува за Планот за вработување за 2021 година е усвоен и од министерствата за здравство и администрација и информатичко општество, а се предвидени над 50 нови вработувања, на медицински и технички персонал, администрација, а ќе има и вработување на петмина лекари. Што се однесува за специјализациите на штипската Клиничка болница приоритетни им се инфектолози, анестезиолози и ортопеди и се очекува да бидат одобрени овие специјализации во 2021 година.

-Пред месец и половина имаме добиено дозвола за вработување на 23 медицински работници, имаме дел сестри, дел технички персонал, вели Ѓеорѓијев.

Но, заради избори во Штип овие вработувања, во моментов не можат да се реализираат. На штипското Инфективно одделение денеска се хоспитализирани 58 пациенти, двајца од Радовиш и Кочани починаа во болнички услови.