Што договориле Заев, Ахмети и Ковачевски?! – Таравари вели дека не бил поканет на оваа средба

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Дали ДУИ и СДСМ се поблиску до заедничка коалиција и настап на претстојните парламентарни избори, по синоќешната средба Ахмети, Заев, Ковачевски не се знае, односно актуелниот премиер избегна да одговори конкретно, порачувајќи дека се прават анализи. Вели, ова било заеднички ручек, за споделување на искуства, иако потврди дека разговарале околу тоа како да се постават партиите на изборите.

„Нормално дека разговаравме за тоа како би требало да изгледаат настапите на политичките партии на наредните избори, се разбира низ искуството на секој што го поседува. Ова нити е прва средба, нити е последна средба, на некој што се знае три децении и повеќе“, вели Димитар Ковачевски.

Ковачевски денеска изјави дека не била прва средба со Заев и разговор за политиките.

Но, пред само една недела беше прашан од ТВ21 кога последен пат контактирал со екс лидерот на СДСМ и дали Заев му прави притисок да настапат со заеднички листи со ДУИ и дека, ако ова не се случи, му дал ултиматум да се повлече од партијата, Ковачевски тогаш одговори на овој начин.

„ТВ21 кажавте? Вчера имаше реакција на СДСМ на една ваша објава дека се работи за невистина и тоа можам да го потврдам, инаку со претседателот бивши со СДСМ и со сите други бивши претседатели на СДСМ последната комуникација ја имав за Божик кога си ги честитавме божикните и новогодишните празници“, вели Димитар Ковачевски.

А, кога инсистиравме на конкретен одговор, за истото прашање, Ковачевски на овој начин одговори:

„А, дискусиите во СДСМ се водат во телата на СДСМ, во Извршниот одбор, во Централниот одбор, каде што сите медиуми се повикани…Така да мотивите за вашите натписи ќе мора да ги побарате на друго место…Така да мотивите за вашите натписи ќе мора да ги побарате на друго место“, вели Ковачевски.

Иако тројката на речиси четиричасовниот ручек зборувале за Европски фронт, во кој ја посакуваат и Алијанса за Албанците, сепак Арбен Таравари за ТВ21 рече дека тој лично и нивната партија не биле поканети на оваа средба.

Во својата реакција за средбата на Ахмети, Заев и Ковачевски, опозициската ВМРО-ДПМНЕ вели дека не се сомневаат дека биле разменети искуства за казината, лотариите, стекнувањето на Соравија, европските практики на Кацарска во судството, на Филипче во здравството, во енергетиката, модуларната болница, кои како што иронично велат од опозицијата, се во функција на европската интеграција.