Што донесе средба Муцунски-Чамова во Софија? – Кржаловски: Нова динамика и отворање на маса и на другите спорни прашања

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Разговорите меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија Муцунски и Чамова што вчера се одржа во Софија немаше некаков резултат откако и двајцата од средбата излегоа без поместување на позициите околу отворените прашања. Иако и самиот Муцунски средбата ја нарече конструктивна но без некаков напредок, сепак седнувањето на заедничка маса претставува одреден резултат, бидејќи разговори и контакти меѓу Скопје и Софија не се случиле одамна. Првиот човек на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) Александар Кржаловски вели дека самата средба донесе нова динамика откако повторно се случи дијалог на високо ниво за македонските евроинтеграции. Неговите очекувања се дека на разговорите биле отворени и прашањата за другите преземени обврски кои можат да бидат нови блокади.

„Верувам дека се споделиле загриженостите, особено од наша страна дека толкувањата на некои од одредбите кои се определени како обврска, особено тие надвор од уставните измени, односно дали било што од следните чекори кои се предвидени таму а не се малку најмалку 5 има други елементи таму како Историската комисија, како архивите историски и така натаму, дали толкувањата на Бугарија може да донесе до нови блокади“., вели Александар Кржаловски.

На некој начин и самата министерката Петрова Чамова вчера  изјави дека таа не може да даде гаранции дека и покрај исполнувањето на обврската за уставните измени нема да има натамошни блокади. Кржаловски вели дека очекува во иднина да се интензивираат разговорите на кои би се отворила и темата за уставни измени со одложено дејство.

„Очекувам дека во идниов период ќе има многу поинтензивни контакти и разговори за надминување на блокадата, дали ќе се издејствува некаква отстапка од она што Бугарија до сега го кажуваше и очекуваше додека не се исполни се` нема да почнат преговорите. Верувам дека ќе има некој напор во таа смисла, на пример да се реактивира прашањето за уставни измени со одложено дејство“, вели Александар Кржаловски.

Кржаловски смета и дека во натамошните разговори сепак е потребно присуството на претставници од Европската унија, како што тоа го бараше премиерот Мицкоски, но не очекува дека тоа ќе го дозволи бугарската страна.