Формалното одвојување на таканаречената фракција „Огнена група“ од ДУИ, би ги отворило вратите за можна соработка со Движењето Беса. За ова е подготвен првиот човек на Беса, Билал Касами, кој, како што рече во Клик плус, би ги здружил силите со Огнената група, само доколку целосно се отцепат од ДУИ.
„Ако го гледаме нивниот мотив за напуштање на Владата, кој е поврзан со неуспехот на оваа извршна власт, тоа е точка што нè обединува. Дури и со нивните политички ставови, со нивната концепција, со нивното идеолошко позиционирање на политичката сцена како фракција, и се разбира доколку утре решат да се отцепат како политичка партија, ние имаме неколку заедничко точки и од моментот кога тие формално ќе одлучат како ќе го продолжат патувањето напред, постои можности за соработка.“, рече Касами.
-Значи попрво со нив отколку со ДУИ, дали сум во право?
„Да, секако.“
Од Огнената група денеска не сакаа да коментираат на оваа тема, а претходно потенцираа дека нема да формираат нова политичка партија и дека ќе функционираат како фракција во ДУИ. Во врска со информациите дека на „Огнената група“ и се заканува исклучување од партиските органи од страна на партискиот лидер, Али Ахмети, Блерим Беџети рече дека нивниот избор во партиските функции е направен врз основа на партискиот статут, односно од Генералниот Совет.
„Почетокот на незадоволството е токму од кај нас, во отсуство на почитување на статутот, а ако има таков пристап, тоа е само манифестација на сила и не би било рационално во политичка смисла да се дојде до таа точка, откако ќе се дебатира за прашањата за статутот, дури и затоа што на крајот нивно право е што ќе прават и како ќе постапат. Од правен аспект, постојат органи на ДУИ, Надзорниот совет, кој мора да го надгледува секое постапување на партиските органи и да ги испитува.“, изјави Беџети.
Инаку, лидерот на Движење Беса, Билал Кaсами, зборуваше за блискоста со Огнената група, коментирајќи ја сликата со Висар Ганиу од фракцијата на ДУИ. Во врска со ова, Касами рече дека ги соединил спортот, но сликата била злоупотребена од Артан Груби. Синот на Касами игра за „Шкендија“ а на Ганиу за „Шкупи“.
